Талески ја расплака Битола: Вардар по пресврт и голема драма го освои 15. Куп-пехар

885

Купот на Македонија оваа сезона му припадна на Вардар кој во финалето славеше против Е.Пелистер со 23-22 (8-12), благодарение на Филип Талески. Во последните 15 секунди, македонскиот репрезентативец испрати вистинска бомба во мрежата на битолчани, Секељи беше немоќен.

Битолчани треба да жалат, бидејќи имаа отворен пат кон пехарот, но се чини немаат искуство за вакви големи битки.

Талески постигна шест гола, зад него беше Џукиќ со пет, Томовски имаше 12 одбрани. На другата страна Периќ и Граџан имаа по пет гола, Секељи имаше 13 интервенции.

Финалето го одбележаа и кратки инциденти, на стартот на мечот и по завршување на првото полувреме. Желбата за трофеј ги измести кодексите за навивање, па мораше да има по неколку прекини, на голема среќа ситуацијата не ескалираше.

Две различни лица на Вардар 1961 и Е.Пелистер. По 4-4, „црвено-црните“ со двата гола на Талески и еден на Георгиевски и Додиќ поведе со 8-4 во 18 минута. Ова беше период во кој Е.Пелистер целосно падна, немаше реализација, иако пак Секељи беше добар на голот.

Но, улогите се променија на теренот. Откако Вардар не искористи напад за плус пет, Е.Пелистер приреди целосен пресврт. Ојлески, Павлетиќ, Граџан, Маџовски, Радовиќ, Обрадовиќ и Костески со шест гола во низа го донесоа најголемото водство од четири гола 8-12 беше на полувремето. На другата страна избраниците на Давид Дејвис цели 12. минути беа без постигнат гол, а одбраната беше целосно разнишана, противникот лесно доаѓаше до мрежата.

Дибиров го постигна првиот гол за Вардар по 12 минути пауза, и тоа од седум метри за 9-12, но битолчани дојдоа на 9-14 во 34. минута, најголема предност. Избраниците на Жељко Обрадовиќ лесно ја полнеа мрежата на својот ривал, кој пак никако не успеваше да најде против игра.

Стоилов и Кевин Њокас на кратко намалија на 13-16, сепак на средината на второто полувреме беше 13-18. Е.Пелистер одржуваше предност од четири до пет гола се до 48. минута (16-20).

И кога се чинеше дека Вардар 1961 е ставен под контрола, Дибиров, Џукиќ, Талески и Стоилов, заедно со Томовски кој влезе во серија, приредија пресврт, со серија од 6-2 израмнија на 22-22 на три и пол минути до крајот. Не искористија шанса да поведат, Секељи ја запиша 13. интервенција, на другата битолчани ја изгубија топката. Последниот напад го имаше Вардар 1961, Талески со бомба ги постави конечните 23-22.

ПретходноДибала се збогува со Јуве: Мислев ќе бидеме заедно уште многу години, но …
СледноСлавје за Стефан и Аријан, Динамо по 23. пат е шампион: Адеми е најтрофејниот капитен во Хрватска