Кошаркарите на Еуро Никел успеаја да ја прекинат серијата од четири последователни порази откако денеска го добија мечот против ТФТ во Скопје со 73:75. Кавадарчани одиграа одличен меч и со максимум залагање во сите 40 минути на крајот успеаја да и се израдуваат на победата.
Самарџиски со 15 поени беше лидер во победата на гостите, а одличен меч одигра и триото Соколов (13), Калахан (12) и Стојановски (10). Кај домашните Костовски беше најрасположен со 25 постигнати поени. Еуро Никел со оваа победа останува во битката за третото место на табелата пред почетокот на плеј-офот.
Дуелот во Гостивар меѓу домашниот тим и екипата на Пелистер беше прекинат при резултат 65:62 за домашните. Гостите беа нападнати кон средината на последната четвртина, при што гостинскиот тренер Марјан Илиевски беше погоден со тврд предмет. Тој падна на паркет, а откако стана, имаше жестока реакција по што го напушти теренот. По него теренот го напуштија и кошаркарите на Пелистер.