Адеми е најтрофејниот играч на Динамо во историјата, Стефан втор најдобар асистент сезонава!

430

Загрепски Динамо синоќа ја освои новата, 23-та титула во Хрватска. Тимот на нашите репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски ја продолжи неверојатната доминација во својата земја и уште еднаш покажа дека е далеку пред конкуренцијата.

Во статистичките анализи на сезоната, хрватските новинари забележаа и два интересни факти поврзани со нашите репрезентативци. Нашиот капитен во националниот тим, Стефан Ристовски, со шест реализирани асистенции е вториот најдобар асистент во составот на „модрите“ во текот на сезоната. Пред него е само Бочкај со 9 асистенции.

Ристовски е исто така и еден од фудбалерите кои помина најмногу минути на тревникот. Десниот бек на Динамо одигра 2312 минути оваа сезона и е четвртиот играч со најголема минутажа во тимот кој смени тројца тренери.

Аријан Адеми, пак, заедно со Мислав Оршиќ е дефинитивно моторот на овој шампионски тим на Динамо. Според анализите и оценките на хрватските новинари, Адеми е сигурно најдобриот поединец во составот на Динамо и оваа сезона. Секако, Аријан е и најтрофејниот играч на Динамо во историјата, бидејќи зад него се 11 шампионски титули, шест Купа и три национални Суперкупа.

ПретходноДончиќ и Далас го понижија Феникс среде Аризона и обезбедија финале на Западот
СледноМбапе е најдобриот фудбалер во Лига 1 за тековната сезона