Битката за плеј-офот продолжува и денеска. Гостивар е во центарот на вниманието. Во салата „Младост“ пред празни трибини, овој клуб ќе бара нови бодови кои ќе го донесат чекор напред кон последните две места кои водат кон следната фаза. Кошаркарите на Гостивар немаат право на кикс, особено по вчерашниот триумф на ТФТ.
Нема да биде лесно. Гостува МЗТ Скопје, кој исто така доаѓа со свои математики. Актуелниот бранител на титулата се наоѓа на лидерското место, го искористи падот на битолчани пред неколку кола, па за задржување на предноста пред гостувањето во „Боро Чурлевски“ мора да го освои целиот плен. Избраниците на Александар Петровиќ се фаворити, сите пресметки оваа сезона им припаднаа токму нив, па веќе знаат како да дојдат до победата.
Покрај оваа средба, за денеска е предвидено да се одиграат сите мечеви од плеј-аутот. Први од 14 часот отворија МЗТ Скопје 2 и Кожув, два часа подоцна Академија ФМП е домаќин на Куманово, додека во 19:30 часот, Ангели му гостува на Работнички.