Познато е името на уште еден патник на фајнл-фор завршницата во Лигата на шампиони. По Веспрем, својот билет вечерва го завери и Кјелце. Полскиот тим на домашен терен го совлада Монпеље со убедливи 30-22. Ова е втора победа во четвртфиналето за избраниците на Талант Душебаев, на првата пресметка во Франција беа подобри со три гола разлика.
Кјелце стана деветиот тим во Лигата на шампиони кој има пет учества во полуфиналето во ова натпреварување. Она што е доста интересно е дека два тима од Ф4 во 2015 година веќе обезбедија место, нема да биде ништо чудно утре ако Барса и Кил се најдат на завршницата и го комплетираат истиот список како пред седум години.
Каралек со седум гола го предводеше Кјелце, кој по првото полувреме имаше водство од 15-8. Кај гостите Бос реализираше седум погодоци.
Утре ќе биде комплетирана четворката која ќе се бори за пехарот, Барселона веќе е на чекор до Ф4, останува на домашен терен да ги одбрани четирите гола предност, додека пак ќе биде интересно во Германија, Кил е домаќин на ПСЖ, првиот меч заврши со реми.