И официјално: ФИБА ги суспендираше Русија и Белорусија

116

Извршниот одбор на ФИБА ја потврди првичната одлука од 1 март, кога беше најавено да не се дозволи руските национални тимови и официјални лица да учествуваат во натпреварите на ФИБА и 3х3.

Истото тело на ФИБА сега ја потврди истата одлука, со тоа што воведе дополнителни санкции и за Белорусија.

За натпреварите кои ќе се одржат во наредните месеци, поради војната во Украина, донесени се одлуки:

– Нема да се одржуваат натпревари во организација на ФИБА во Русија и Белорусија;

– Од натпреварувањата на националните репрезентации ќе бидат повлечени екипите на Русија и Белорусија.

Овие натпревари се однесуваат на квалификации за Светското првенство 2023 и Европското првенство во оваа година, како и Светското првенство за играчи „Под17“ години во 2022 година.

Исто така,  забрането е учеството и за националните тимови на овие две земји во натпреварите од 3х3.

Најважно во овој момент за нашата репрезентација се квалификациите за Светското првенство. Првично, сите резултати на националниот тим на Русија требаше да бидат префрлени во следната рунда. Но, бидејќи Русија е во групата со која се вкрстува групата на Македонија (најмногу се однесува на Украина), мораше да се случат одредени промени.

Според правилата на ФИБА, кога тимот поради некоја причина нема да го заврши натпреварувањето, сите негови резултати се бришат, така што победите и поразите на Русија во групата „Х“ со Италија, Исланд и Холандија повеќе не постојат.

Затоа овие три селекции пренесуваат помалку натпревари (бодови) во следната група, па резултатите со најслабиот тим во нашата група ќе бидат избришани.

Кога станува збор за замената на Русија на овогодинешниот Евробаскет, одлуката ќе ја донесе Собранието на ФИБА-Европа, на состанокот кој овој викенд ќе се одржи во Вилнус. Веќе на големо се зборува дека тоа ќе биде Црна Гора, се чека само официјална потврда.

ПретходноКожув убедливо против вториот тим на МЗТ Скопје
СледноМиротиќ е МВП во Евролига!