ФИНАЛЕ НА ЛЕ: Ајтрахт по првиот евро-трофеј по 42 години, а Ренџерс чека половина век

149

Вечерва на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ ќе се одигра финалето на Лига Европа, а во борбата за трофејот влегуваат  Ајнтрахт Франкфурт и Глазгов Ренџерс (21:00 ч.). Ова е трето европско финале за Ајнтрахт, но прво по 1980 година кога го освои пехарот во Купот на УЕФА. Ренџерс има еден европски трофеј и тоа во поранешниот КПК, а има и едно финале во Купот на УЕФА во 2008 година кога загубија од Зенит.

Долго овие две екипи чекаат на значаен европски резултат, а еве им се отвори шанса да го направат тоа. Победникот ќе си замине со трофејот и со билет за ЛШ идната сезона.

Дали тоа ќе биде екипата од Франкфурт или од Глазгов ќе видиме вечерва.

Интересно, Ренџерс ги загуби првите два дуели во ЛЕ (од Лион и Спарта) во групата без да постигне гол, но успеа да стигне до финалето и тоа е првата екипа во историјата на ова натпреварување на која и успеало тоа да стигне до завршниот меч откако сезоната ја отворила со два порази.

Ајнтрахт зад себе има сезона за заборав во Бундес лигата (11 место моментално), но затоа блесна во Европа со победите над  Вест Хем, претходно над Барселона и Бетис. Ренџерс остана без титулата во Шкотска, но фокусот го насочи на ЛЕ и стигна до финалето. На патот ги победуваше Лајпциг, Брага, Црвена Звезда…

Ова е прв меѓусебен дуел после сезоната 1959/60. Тогаш во полуфинале на Купот на Европските шампиони Ајнтрахт го совладал Ренџерс со 6:1, а на реваншот на „Ајброкс“ победил со 6:3. Во финалето германската екипа доживеа пораз од Реал со 7:3 на „Хемпден Парк“ во Глазгов.

Инаку Ајнтрахт освен освоен Куп на УЕФА има една титула во Бундес лигата (1959) и пет Купа на Германија, последниот од 2018 година.

Ренџерс има неверојатни 55 титули во Шкотска, еден триумф во КПК (1972 година), 33 купа на Шкотска.

Ренџерс во своите редови го има Џејмс Таверние кој е најдобар стрелец во ЛЕ оваа сезона со 7 гола, додека Ајтрахт го има најдобриот асистент, Филип Костиќ со 5 асистенции. Кај Ајнрахт најмногу голови сезонава постигна Јапонецот Даичи Камада (5).

За вечерашниот дуел тренерот на Ренџерс Џовани ван Бронхорст нема да смета на Јанис Хаџи, Хеландер, Морелос, Офоборх поради повреди. На другата страна Оливер Гласнер ги нема на располагање Хинтерегер и Рамај поради повреди, а неизвесен е Линдстром кој има повреда на бутниот мускул.

Судија на мечот ќе биде Славко Винчиќ од Хрватска. Севиља трет пат организира финале на едно европско натпреварување. Првото во КЕШ на „Санчез Писхуан“ во 1986 година меѓу Стеауа и Барселона, потоа во 2003 година финале на Купот на УЕФА на „Ла Картуха“ помеѓу Порто и Селтик.

ПретходноПромена на правилата во НБА – Играта станува побрза
СледноКлоп: Шансите за титулата ни се мали, но возможни