Вчера и официјално беше комплетирана четворката која оваа сезона ќе се бори за пехарот во Лигата на шампиони. Веспрем на Дејан Манасков, Кјелце, Кил и Барселона обезбедија пласман на Ф4 во Келн.
Најинтересна пресметка во четвртфиналето беше меѓу ПСЖ и Кил, францускиот тим предводен од Раул Гонзалез не успеа да дојде ниту до најдобрите четири екипи, па одново останува без пехарот за кој сонуваат сите во Париз.
Токму по завршување на четвртфиналните битки доаѓаат интересни информации. Една од нив е дека еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Микел Хансен нема титула во ЛШ. Играше две години во Барселона, сега 10 во ПСЖ, но не успеа да се искачи на тронот. Овој ракометар има бројни признанија, има медали со својата репрезентација на големите натпреварувања, но кога станува збор за ЛШ, е тука нема среќа. Хансен поради проблеми со срцето не ја доигра оваа сезона.
Доста интересно е што на Ф4 завршницата се пласираа екипите кои во сезоната 2014/2015 исто така беа дел од битката за титулата. Тогаш пехарот го подигна каталонскиот гигант, во финалето беше подобар од Веспрем.