Екипата на Академија Пандев и годинава како и неколуте изминати претходно покажа дека е една од најквалитетни во ПМФЛ. Со самото тоа што повторно е наш претставник во Европа летово, Академија Пандев не само што го одржа континуитетот и нивото, туку сака летово истото и да го искачи. Зошто да не се мине некое коло на меѓународна сцена, секако со поволна ждрепка и да се испише нова страница од историјата на клубот.
Во меѓувреме, струмичани заслужено одмораат, а стартот на подоготовките е закажан за 6 јуни. Потоа следува првична базична подготовка во домашни услови, а потоа од 19 до 30 јуни престој во Банско, стандардната база за летни подготовки.
„Да, на заслужен одмор сме во моментов. Играчите добија индивидуална програма, а стартуваме на 6 јуни. Веќе подготовките ни се испланирани се чека само на некои детали од типот на спаринг партнери за пријателски средби во Банско, а тоа секако зависи од тоа кој екипи ќе престојуваат во тој период“ – ни изјави тренерот на Академија Пандев, Ѓорѓе Стојчев.
Пријателска со Левски во Софија
Она што пак од Академија Пандев дефинитивно ни го потврдија е дека на 25 јуни е закажана пријателска средба со екипата на Левски, во Софија, на легендарниот стадион „Васил Левски“. Ова секако дека ќе биде екстра можност за нашиот тим да одигра силен спаринг меч со силен противник кој инаку е освојувач на Купот на Бугарија за сезонава.
Се враќаат позајмените, се преговара со останатите
Што се однесува пак до тимот и што ќе се случува со него летово Стојчев вели.
„На десетина играчи им истекоа договорите, а јас како тренер поголемиот дел од нив сакам да останат. Неделава е наменета за прегоори со нив. Се враќаат од позајмици, голманот Алчевски од Борец, како и Терзиев, Глигоров и Трајков од Беласица. Засилувањата ќе бидат во сооднос со она што ќе ни недостасува односно со бројот на играчи кои ќе си заминат од сегашниот тим“ – ни вели Стојчев.