Илиевски: Битола заслужува финале, градот верува во нас

97

Кошаркарите на Пелистер завршија на второто место во доигрувањето до домашното првенство, па сега го очекуваат стартот на плеј-офот во кој почнува жестоката битка за титулата.

Тренерот Марјан Илиевски изјави дека е задоволен од сработеното во првите две фази од сезоната, па сега ги чека најважната трета фаза.

„Сакам да им честитам на моите кошаркари, кои порано од сите други екипи се пласираа во плеј-офот. Сакавме да завршиме на врвот, бидејќи во текот на целата сезона убедливо бевме први. Верувам дека в петок ќе влеземе со фокус и подготвеност за пат кон финале. Секогаш велам дека заслужуваме да играме финале, посебно после ова што го видов вечерва, и градот заслужува таков успех. Како што градот препозна и ни дава целосна поддршка, верувам дека и оние кои постојано нè критикуваат, ќе продолжат да нè критикуваат, бидејќи тоа ни дава уште повеќе мотиви во плеј-офот. Сакам да им се заблагодарам на љубителите на кошарката во Битола и „Чкембарите“ кои безрезервно ни даваат поддршка и верувам дека така ќе биде и во иднина“, вели Илиевски.

Првиот полуфинален меч против Еуро Никел кој заврши како трет во овој дел од сезоната е закажан во битолската сала „Боро Чурлевски“ в петок од 18.30 часот.

ПретходноПеп е најтрофејниот: 10 титули во 13 години кариера
СледноСезона за заборав: Манчестер Ј. три децении немале ваква гол-разлика