Последното коло од плеј-оф Супер-лигата го немаше посакуваниот крај, барем кога станува збор за пресметката во салата „Билјанини извори“ меѓу ГРК Охрид и Е.Пелистер 2.
Во 49. минута овој меч беше прекинат поради општа пресметка на двата тима, откако Ѓорговски од битолскиот тим и Николов од домашниот состав се степаа. Во напад беа охриѓани, Ѓорговски го турна Николов, кој пак прво му дофрли нешто, а потоа прв го удри, по што следеше мал инцидент на теренот, влетаа сите играчи, но ситуацијата брзо се смири. Главните актери во овој хаос добија најстрога казна, беа испратени на трибините.
Инцидентот се случи при 17-18 за гостите, од овој момент Охрид успеа да направи пресврт да дојде и на плус два 21-19 и 22-20, но не беше доволно за победа. Битолчани не се откажаа, Џукиќ израмни на 23-23 за голем бод од овој последен меч за оваа сезона и место кое носи излез во Европа.
Озтур и Ивановски со по шест гола беа први стрелци кај домаќинот, на другата страна Џукиќ имаше седум погодоци, Ѓорговски до исклучувањето имаше четири гола.