Во реприза на финалето од пред 4 години, Реал (М) повторно го совлада Ливерпул во завршниот меч од најсилното европско клупско натпреварување и дојде до рекордната 14-та титула во Лигата на шампионите. Со само еден гол од два упатени удари во голот на Алисон, Анчелоти и неговите момци успеаја да дојдат до победата, благодарение на погодокот на Винициус.
Ливерпул го отвори мечот со силен притисок пред голот на Реал (М). Шпанците почнаа повлечено и им дозволија на Англичаните целосна доминација. Ливерпул во првите 20 минути веќе имаше 4 директни шута кон голот на Куртоа и една извонредна шанса преку Садио Мане во 20. минута, која Куртоа успеа да ја одбрани со врвот на прстите и да не дозволи водство за „црвените“.
По 25-тата минута Реал како да се ослободи од првичниот притисок и заигра малку поофанзивно. Сепак, момците на Анчелоти скоро и да не успеаја да шутнат кон голот на Алисон. Ливерпул продолжи со притисок од кој се создадоа уште две одлични шанси, но гол не видовме.
Највозбудливо беше во завршницата на првиот дел кога Бензема искористи една мешаница пред голот на Алисон, успеа да ја протне топката во мрежата на Англичаните, но по долго прегледување на ВАР голот беше поништен поради офсајд.
На стартот на второто полувреме, повторно Ливерпул ја имаше првата шанса. Во 47. минута убава нафрлена топка кон Луис Диаз, но со последни сили пред него со глава интервенираше Карвахал и спречи евентуално водство за Англичаните.
Додека Ливерпул притискаше, Реал ја чекаше својата шанса и ја дочека. Во 58. минута по одземена топка на средината, брз противнапад на „кралевите“ одлично уфрлување на валверде за Винициус, кој ја погоди празната мрежа на Алисон за водство на Шпанците од 1:0.
Салах во 63. минута имаше одличен шут од далечина, но Куртоа со една извонредна парада повторно спречи израмнување. Реал комплетно се повлече на својата половина уште на 20 минути пред истекот на регуларните 90 минути. Ливерпул јалово се обидуваше да најде простор за да упати удар кон голот на Куртоа.
Уште една 100% шанса за Ливерпул стигна во 82. минута. Салах успеа да обезбеди гол-шанса, но Куртоа и овој пат успеа да одбрани и да го спаси својот гол. До крајот на мечот Реал имаше шанси и за втор гол, но не успеа да искористи неколку полуконтри пред голот на Алисон.