„Метла“ за ТФТ, МЗТ Скопје експресно до финалето (ФОТО)

348

МЗТ Скопје е првиот финалист во плеј-офот оваа сезона. Актуелниот бранител на титулата дојде до втората победа во полуфиналната пресметка против ТФТ, не дозволи оваа серија да ја решава мајсторка. Избраниците на Александар Петровиќ вечерва славеа со 82-92 на гостински терен, за противник во финалето ќе го имаат подобриот од дуелот меѓу Пелистер и Еуро Никел.

Ајви, Милошевиќ, браќата Војдан и Дамјан Стојановски беа главните лидери кај „сино-белите“. Ајви имаше 18 поени, пет скока и седум асистенции, Милошевиќ запиша 17 поени и 7 скока, Дамјан 16, додека Војдан 14. Кај домаќинот, Хортон имаше 19 поени, по 17 запишаа Морган и Николов.

Првата четвртина беше релативно изедначена, пред самиот крај Хортон и Морган зголемија на 27-21. Следниот период МЗТ Скопје го доби со 20-30, па на одморот замина со водство од 47-51.

Нешто слично како на првата средба, актуелниот македонски првак во третиот период го подигна нивото, секако благодарение и на одличната реализација во шутот за три поени, Војдан Стојановски ги постави првите двоцифрени 50-60, а нешто подоцна Дамјан и Крстевски зголемија на 60-71. Дамјан Стојановски продолжи во пеколен ритам, со неговата тројка и двата поени на Рикиќ, гостите дојдоа на плус 14 (62-76).

ТФТ се издигна и тоа благодарение на Костоски, Ташовски и Морган. Ова трио набрзина ја стопи двоцифрената негатива, на нецели осум минути до крајот беше 71-76.

Налетот на противникот го прекина Ајви со поет поени во низа врати на двоцифрени 71-81 во 34. минута. Хортон заработи техничка, МЗТ Скопје не искористи максимално, Војдан од линијата за слободни фрлања зголеми на 71-82.

ТФТ не успеа да се врати целосно на оваа средба и покрај големата желба, едноставно не им одеше на домашните кошаркари, не реализираа во важните моменти. Немања Милошевиќ со тројка ја најави победата и пласманот на својот тим во финалето (76-89).

За тимот од Тафталиџе сезоната завршува тука, треба да биде задоволен по освојувањето на Купот на Македонија.

ПретходноСтанковски: Ќе го покажеме нашиот квалитет против Ерменија и Украина
Следно„Кралевите“ ја славеа европската титулата во Мадрид со навивачите! (фото+видео)