Полека, но сигурно раководството на Тиквеш, на чело со првиот оперативец Миле Масларков, го комплетира тимот за наредната сезона. Откако минатата недела на фантастичен начин го решија проблемот со опстанокот во елитата, со триумф во баражот над Воска, сега на ред се преговорите со играчите на кои им истекуваат договорите. А такви ги има многу во клубот, речиси на повеќе од половина играчи им истекоа договорите. Пред неколку дена продолжен беше договорот со Николај Христов, интернационалец од Бугарија, за деновиве се завршија преговорите со Андреј Лазаров и Ристе Темелков.
Од таборот на кавадаречкиот прволигаш не кријат дека посакуваат да го задржат “костурот“ на тимот, а и да се засилат со 4-5 квалитетни прволигашки играчи се со цел на стратегот Влатко Костов да му овозможат тим кој во следната сезона би играл забележителна улога во ПМФЛ.