Александар Трајковски денеска, заедно со Езџјан Алиоски, им се приклучи на своите репрезентативни колеги. Тој веднаш и го одработи попладневниот тренинг, а во пресрет на она што тој и нашата А- репрезентација ги очекува во Лигата на Нации и првиот меч со Бугарија во Разград на 2 јуни, нашиот напаѓач и херој од Палермо истакнува…
„Сите мора да го дадат својот максимум, сите да бидат фокусирани. Знаеме како се пласиравме на тоа ЕУРО 2020, така да ни се пружа нова шанса за да го повториме тој успех“ вели Трајковски.
Малку необично и за него е тоа што за десет дена нашата решрезентација, како и другите, ќе одигра дури четири меча…
“Знаеме дека ќе биде напорно, сепак мораме тоа да го испочитуваме, ние сме фудбалери ќе пробаме да одиграме најдобро што можеме. Имаме доста широк ростер, се игра на секој три дена и се надевам дека се ќе биде во ред. Секогаш е убаво да доаѓаат нови и млади играчи, кои треба да се докажуваат. Се надевам дека и тие ќе го дадат својот максимум“.
Трајковски не крие дека Македонија е фаворит на овие натпревари во Лигата на Нации, тој е свесен за квалитетот на четата на селекторот Благоја Милевски…
“Ние не бегаме од фаворитската улога, тука нашите противници не ставија. Според нашите досегашни резултати покажуваме дека сме фаворити. Ќе треба да ја оправдаме таа улога“ заврши човекот кој среде Палермо со гол во 92.минута ни донесе сензационална победа над Италија во баражот за СП во Катар.