Монца за прв пат во својата историја избори пласман во Серија А. Тоа им успеа по победата над Пиза во финалето на плеј-офот. Па така клубот кој има најмногу сезони во Серија Б успеа да се крене и конечно од „вечен“ второлигаш да заигра во најсилната италијанска лига. Tие се 69. различен клуб кој ќе заигра во Серија А, а 12-ти од реонот Ломбардија.
На чело на клубот е поранешниот италијански премиер и некогашниот сопственик на Милан Силвио Берлускони и неговиот брат Паоло, а тука е и спортскиот директор Адријано Галијани.
За целите на Монца во иднина Берлускони изјави.
„Ова е голема радост за целиот регион Брианца, една од најработливите провинции на Италија. Радувајте се, долго го чекавте ова“, коментира Берлускони неколку минути по последниот свиреж на судијата.
„Јасно е дека сме во Серија А. Сега мораме да целиме кон Скудетото, а потоа и Лигата на шампионите. Навикнат сум да победувам. Промоцијата на Монца и скудетото на Милан ми го наполнија срцето“, изјави Берлускони.
А за идниот натпревар против Милан тој додаде.
„Ќе биде многу убаво кога ќе се соочиме со Милан во Серија А бидејќи срцето ми е на двете страни“.
После пласманот на Монца во Серија А активирани се клаузулите на тројца играчи што значи дека нови постојани играчи се голманот Мишел Ди Грегорио од Интер, дефанзивецот Давиде Бетеља и Андреа Колпани, двајцата од Аталанта.
Во текот на летниот преоден рок клубот од северна Италија ќе атакува на уште неколку играчи за да се спреми за предизвиците во најсилната италијанска лига каде што не е лесно да се игра.