Пелистер ја доби “мајсторката“ и се “чекираше“ во финалето каде што го чека МЗТ Скопје!

174

Кошаркарите на Пелистер вечерва во Битола славеа против Еуро Никел со 91-83 во решавачкиот меч од полуфиналето во плеј – офот во битката за титулата. Па така битолчани си се “чекираа“ во големото финале каде што ги чека тимот на МЗТ Скопје.

Овој меч Пелистер го доби со подобра игра во последната четвртина, во која влезе со минус, но кога беше најпотребно домашниот состав беше на високо ниво. Еуро Никел се закани на три минути до крајот кога стигна до 79-77.

Сепак и тоа не беше доволно. Пелистер во финишот беше поснаодлив, знаеше како треба.

Инаку првите минути од мечот и припаднаа на домашната екипа, која поведе со 5-0. Некако посигурно влегоа момците од Битола во оваа мајсторка. Но сепак многу бргу кавадарчани израмнија на 7-7. Следуваше уште еден егал и тоа со 16-16, во тие мигови се чинеше дека Еуро Никел како да успеваше да воспостави рамнотежа на натпреварот. Сепак многу бргу, поточно во втората четвртина Пелистер направи одлична серија и во еден момент имаше водство од 32-20. На пауза се замина со водство на битолчани од 42-38.

Во третата четвртина Еуро Никел уште повеќе ја топеше предноста, во 4.минута имаа и само еден минус. Се навестуваше драма.

Калахан во тие моменти беше во елемент, и сега кавадарчани имаа повторно резултатски егал со резултат 56-56, ова се случуваше во 8.минута од третиот период. Нема дилеми, Еуро Никел повторно и тоа како се врати во игра.

Во тие моменти проблематични беа слободните фрлања за Пелистер. А Калахан го полнеше кошот на Пелистер, со 17 поен тој му донесе предност на својот тим од 57-59. Ова беше четврта негова тројка.

Сепак Пелистер се “разбуди“ на почетокот од последната четвртина, многу брзо го врати водството со поените на Кесар и Младеновиќ. Сепак на 3,5 минути до крајот кавадарчани намалија само на минус два разлика.

На крајот резултатот гласеше 91-83.

Најдобар поентер кај Пелистер беше Кесар со 25 поени, додека кај гостите Калахан постигна 20.

ФОТО: КК Пелистер ФБ

ПретходноЗверев го запре Алкараз и се пласира во полуфиналето на Ролан Гарос
СледноЖенските репрезентации У-17 и У-19 ги добија противниците за следниот циклус на УЕФА натпреварувањата