Македонската одбојкарска репрезентација во меч за заборав загуби на домашен терен од Албанија со 1:3 (23:25, 25:20, 17:25, 22:25) и го претрпе вториот пораз во третиот настап во групната фаза од Европската сребрена лига. Во еден од најлошите мечеви кои оваа одбојкарска селекција ги има одиграно во последно време, Албанија покажа дека не случајно не победи и на еден од двата контролни меча кои ги одигравме со нив минатиот месец.
Селекцијата на Албанија одлично го отвори мечот и го искористи лошиот прием на нашата репрезентација да дојде до комотна предност. Гостите поведоа со 1:4, по што ние успеавме да се вратиме во егал и да играме поен за поен до 8:8. Потоа следуваше нова серија на гостите и енормно зголемување на предноста. Немавме решение за расположените Дода и Ќафарена кои нижеа поени, а Албанија да дојде и до високи 11:18, потоа и 13:19. Ние успеавме да направиме серија од 4:0 и да се вратиме во игра. Неизвесноста траеше практично до последниот поен, кој им припадна на гостите за 23:25 и водство од 0:1 во сетови.
Вториот сет сосема поинаква приказна. Македонија тргна многу посигурно и успеавме да се одлепиме на самиот почеток. Албанија во неколку наврати се обидуваше да фати приклучок, но нашите одбојкари одржуваа предност од 3-4 разлика (10:6, 12:8). Во средината на сетот Албанија се доближи на 13:12, но следуваше нова серија на нашите момци и +5 за 18:13. Разликата ја зачувавме во финишот, а сетот го претворивме во 1:1 за нас со конечни 25:20. Одличен сет одигра Стојан Илиев кој реализираше 8 поени само во овој втор сет.
Третиот сет почна израмнето и се играше поен за поен се до 10:10. Потоа, следуваше повторно голем пад во играта на нашата репрезентација, што Албанците го искористија и со неколку серии од 3:0 стигнаа до 13:18. Потоа беше тешко да се вратиме во ритам. Албанија го приврши сетот во своја полза и со високи 25:17 обезбеди ново водство од 2:1 во сетови.
Четвртиот сет го почнавме добро и на стартот направивме разлика од 4:1. Умешно ја одржувавме предноста и во средината на сетот влеговме со 10:6, кога следуваше серија од 4:0 за гостите кои успеаја да израмнат на 10:10. Потоа следуваше израмнет сет во кој Албанија ги направи клучните поени за предност од 22:24 и во следниот напад успеја да обезбеди поен за победа од 3:1 во сетови.
Илиев со 20 и Н. Ѓорѓиев со 15 поени беа најдобри поентери во нашата селекција, додека кај Албанија блескаа Ќафарена со 29 и Дода со 16 поени.
Со овој пораз нашата репрезентација сериозно заостанува зад лидерот Романија која е лидер со 8 бода, но и Албанците со триумфот се израмнија со нас со 4 бода на второто место на табелата.
фото: CEV.eu