Со пресврт, фудбалерите на Полска дојдоа до премиерната победа во новото издание на УЕФА Лигата на нации. На отворањето на сезоната 2022 во ова прилично ново УЕФА натпреварување, Полјаците на свој терен во Вроцлав „на мускули“ успеаја да ги обезбедат првите три бода во групата, совладувајќи го Велс со 2:1.
Гостите одиграа одличен меч и вистинска штета е што на крајот заминаа со празни раце. Островјаните поведоа во 52. минута со голот на Вилијамс, по што Полска успеа да ја преземе контролата на мечот и под силен притисок во 72. минута преку Камински да израмни на 1:1.
Вториот „ас“ од клупата, Свидерски, беше клучот на пресвртот и победата на Полска со голот во 85. минута. Велс до крајот имаше најмалку две одлични шанси за израмнување, но не успеа да го матира Грабара.