Новак Ѓоковиќ изгуби од Рафаел Надал и не успеа да ја одбрани титулата на Ролан Гарос од минатата година, а воедно и да стигне до 21. Грен слем титула. Со овој пораз ќе го загуби и првото место на АТП листата.
„Тешко е да изберам еден елемент кој го одлучи овој меч. Веројатно мојот бекхенд кој не ме служеше, а направив и многу грешки во играта. Рафа добро тоа го користеше, ми сервираше за бекхенд. Го виде тоа како моја слабост на овој меч. Се вратив во мечот дури кон средината на вториот сет. Иако тој лесно го доби третиот сет, четвртиот можев јас да го добијам и ќе влеговме во петтиот со подеднакви шанси. Тогаш се ќе беше отворено, а имав две сет топки на свој сервис меѓутоа за жал тоа не се случи.
Публиката го сврте мечот, таа беше 99,9% на негова страна и тоа е тоа. Таа го креваше во моментите кога тоа беше потребно. Свесен сум за поразот, разочарувањето е големо секогаш кога ќе изгубиш од најголемиот ривал“, изјави Ѓоковиќ.
Запрашан што мисли за ноќните мечеви на Ролан Гарос тој одговори.
„Постојат различни мислења за ноќните натпревари, а јас сметам дека почнуваат предоцна. Но така е тоа затоа што телевизијата и правата на преноси одлучуваат дали некој меч ќе се игра денски или ноќе“.
Надал се врати после повреда, а и на турнирот се жалеше дека не се чувствува најдобро и дека стиска заби на секој меч да биде перфектен. Ѓоковиќ вели дека тоа воопшто не се видело на теренот.
„Не видов никакви проблеми во неговото движење поврзани со некаква повреда. А ова не е прв пат Надал да се крене – неколку денови после повреда, кога едвај оди – а тој ќе излезе на терен и ќе одигра перфектно. Тоа вечерва воопшто не ме зачуди“, коментира Ѓоковиќ.