Реми во Разград и тоа со 1:1 на мечот меѓу Бугарија и Македонија во првиот меч од Лигата на Нации. Може да се каже дека можевме до победа, и тоа како, имавме повеќе од играта, имавме барем 3-4 одлични шанси. Иако не блескавме сепак бевме подобри од Бугарите, но на крај моравме да се задоволиме со бод, што и не е така лошо.
Бугарите се спасија, денеска е Спасовден, а ние имаме позитивно реми.
Бугарија поведе со голот на Десподов во првиот дел, а ние израмнивме во 50.минута преку Милан Ристовски.
Да кажеме дека во 90+4.минута Пињар покажа на пенал, но ВАР беше на наша страна, па така останаа тие 1:1.
Нашите фудбалери се обидоа уште на почетокот да наметнат иницијатива, но се чини дека тоа тешко одеше. Сепак првата закана ја имавме ние и тоа во 6.минута кога Чурлинов добро шутираше, но таа топка беше блолирана и за малку зварши покрај десниот дирек на Михајлов. Три минути Ристовски доби употреблива топка, но направи фаул во напад.
Во 13.минута голема грешка на целата нашата одбрана, по едно двојно проигрување Десподов се најде сам Димитриевски и ја затресе нашата мрежа за 1:0.
КАКВА ШАНСА, БАРДИ ГО НОКАУТИРА МИХАЈЛОВ
По тој гол нашите како да се “тргнаа“ што се вели, ја имавме ние иницијативата, доминацијата, но искрено не беше тоа наше најсјајно издание. Во 21.минута имавме зицер за израмнување. Перфектна акција меѓу Барди и Елмас во домашниот шеснаесетник, овој првиот од само 7-8 метри распали по топката и таа заврши во лицето на голманот Михајлов кој падна долу како покосен. Среќа за Бугарија.
До крајот на првиот дел нашите сакаа израмнување, топката претежно беше пред домашниот шеснаесетник, Елмас во 41.минута мораше подобро, и со тој резултат од 1:0 за Бугарија се замина на пауза.
ГООООЛ…МИЛАН РИСТОВСКИ
Второто полувреме го започнавме со две измени, влегоа Миовски и Давид Бабунски место Трајковски и Чурлинов. И веднаш тргнавме во напад, а Ристовски со прва закана.
Ова е некоја друга Македонија, па во 50.минута израмнување, по една мешаница пред голот на Михајлов нашиот Милан Ристовски одлично реагираше и тоа беше гол за 1:1. Се проверуваше голот поради наводен офсајд, но сепак голот беше признат. Не мина многу кога Елмас имаше шанса за наше водство, добро е. Ова е таа Македонија која ја посакуваме.
Штета, Алиоски во таа 60.минута одлично шутираше, но Михајлов одбрани. Бугарите се во паника. И Миовски имаше шанса, штета.
Во продолжение од мечот домашните по секоја цена сакаа да ја „умртват“ играта, на моменти и успеваа, но Македонија сакаше победа, тргна по неа.
И на крајот ВАР одлучи да нема пенал во таа 94.минута, сепак раката на Муслиу беше до телото.
Лига на Нации
БУГАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 1:1 (1:0)
„Хуверма Арена“ во Разград. Гледачи: 5.000. Судија: Жереми Пињар (Франција). Стрелци: Десподов 13. (БУГ), Ристовски 50. (МАК) Ж. Картони: Миланов (БУГ), Ашковски, Елмас (МАК).
БУГАРИЈА: Михајлов, Турицов, А.Христов, П. Христов, Недијалков, Миланов (86.М. Минчев), Крастев (59.Костадинов), Чочев, Неделев (71. Стефанов), Илиев (46. Минчев), Десподов.
Селектор: Јасен Петров.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ашковски, Муслиу, Велковски (87. Ристевски), Алиоски, Барди, Спировски (72.Николов), Елмас, Трајковски (46. Миовски), Чурлинов (46. Дав. Бабунски), М. Ристовски (72.Дор.Бабунски)
Селектор: Благоја Милевски.