Фудбалската „војна“ со Бугарија не е од денеска, не е од пред некоја година, таа е долга и трае точно 80 години…
Историјата која е спорна за нашиот сосед кажува дека на 11 октомври 1942 година тогашниот наш клуб Македонија од Скопје (сегашен ФК Вардар), играл финален дуел со Левски за првак на Бугарија. Левски слави во Скопје со 0:2 и во Софија со 1:0 . Посебно скопскиот дуел бил скандалозен поради смешните одлуки на судиите. Приказната од тоа време, од тој дуел е преточена во филмот „Трето полувреме“ кој зборува за таа пресметка, за таа нефер битка во која Левски морал да победи, да не се дозволи ФК Македонија да биде првак на Бугарија. И токму тој филм, фразите од „Трето полувреме“, треба да бидат мотив за нашите фудбалери пред денешниот меч со Бугарија во Разград. Тоа е наша историја, фудбалска историја поврзана со она што се случувало во минатото на фудбалски план со нашиот источен сосед. А од тоа време датира и Кирил Симоновски – Џина! Можеби најдобриот фудбалер на Македонија во тие воени и повоени времиња. Фудбалски магионичар кој има и настапи за Бугарија (1942 и 1943 година), а покасно ги бранел и боите на Југославија. Сега го немаме Џина, сега го имаме Елмас, Трајковски, Барди и останатите, сега имаме сопствена репрезентација која во моментов е подобра од Бугарија. Сега ни треба победа во две полувремиња а третото нека бида прослава на трите бода…