Дарко Тасевски: За мир во куќа реми, сакам победа на Македонија!

1838

Дуелот со Бугарија е долго време во фокусот на фудбалската јавност како во нашата така и во соседната држава. Сите обиди да се фрлат политички етикети врз фудбалскиот настан се отфрлени од двете селекции барем на неколку часа пред дуелот. Пресметката на Бугарија и Македонија попладнево од 18 часот по наше време е тука во Разград на стадионот на „Лудогорец“.

СПОРТМЕДИА неколку часа пред пресметката е на линија со Дарко Тасевски. Нашиот екс-репрезентативец, легенда на Левски и сега член на Славија од Софија, можеби e еден од ретките кој ги има под добар скенер двете селекции:

„Доаѓам, еве за неколку минути тргам кој Разград и одам во хотелот на нашите фудбалери. Да се видам со пријателите, со мојот голем другар Дени Масев и со останатите. Ме чека пат од 3 часа, мирно без брзање па се гледаме“, беше воведниот разговор на Тасевски кој беше и во Палермо каде од трибините го бодреше националниот тим на нашата земја во историската победа над Италија.

Очекувањата на Тасевски од денешниот меч?

„Само да не ги потцениме, да не влеземе лабаво. Има Бугарија добри поединци, имаат подмладен состав. Сега се во фаза на создавање на репрезентација, а ова е старт на нов циклус и сигурнио дека ќе дадат се од себе за да дојдат до победа. Мора многу да внимаваат на Неделев! Одличен играч, страшно добра лева нога. Ако му тргне ќе биде незгодно по нашиот состав“, коментира Тасевски за силата на Бугарија.

За Македонија, за шансите на нашиот национален тим?

„Без разлка што играме без Стефан Ристовски и Аријан Адеми кои се да лидери на овој наш тим, сметам дека имаме и сила и квалитет да стигнеме до добар резултат. Верувам во избраниците на Боби Милевски и нивниот пристап во играта. Знам дека нема да има опуштање и дека сите до еден што ќе добијат шанса на повој меч ќе изгинат да стигнат до победа или да не загубат. Имаме добра репрезентација, зад себе имаме голема победа над Италија и финале за пласман на СП. Посакувам континуитет и нови можности за настап на големи натпреварувања“.

За атмосферата во Разград, на трибините…

„Разград не е Софија. Лудогорец заслужено е шампион, но немаат навивачи, немаат атмосфера на трибините како што тоа е во Софија на пример на стадионот на Левски. Затоа и очекувам добар меч, добра атмосфера за едрен добар фудбалски натпревар. Знаете деновиве цело време ми ѕвонат и ме прашуваат, но не за фудбал, туку за тоа како политиката ќе влијае на овој натпревар. Мене политика не ме интересира, а тоа е сигурно и кај фудбалерите на двата тима. Добро ги знам и едните и другите. Тие денеска ќе мислат на фудбал, на тоа како да се победи противникот. Доста е политика и тензии, дајте вечерва да уживаме во еден добар фудбалски натпревар на две соседни држави“.

Дарко Тасевски е легенда на Левски, долги години е во Бугарија, тој е во брак со поранешната мис на оваа земја, Ромина Андонова. Тоа што се Роналдо и Џорџина во светски рамки, тоа се Дарко и Ромина во Бугарија. Тие со нивните три деца се пример за среќно семејство кое постојано е во фокусот на медиумите.

„Ромина ќе остане дома. До синоќа сакаше да дојде со мене во Разград, но одлучивме да остане со децата. Знаете за мир во куќа можеби е најдобро денеска да има едно реми во Разград, а потоа ние да бидеме први во групата. Јас одам за Разград затоа што сакам победа на Македонија. Не би сакал со пораз да се вратам дома, тоа ќе биде многу лошо за мене. Не сме се обложиле со сопругата кој што би направил ако неговата селекција загуби. Таа си навива за Бугарија, јас за мојата Македонија. Ова е прв ваков наш директен дуел. Кога игра Македонија со други, ние си навиваме сите за Македонија и обратно. Бевме во Палермо и таму се радувавме заедно на големата наша победа над Италија“, коментира Тасевски.

Дарко Тасевски има 45 настапи за Македонија на кои постигна еден гол.

ПретходноСтефан Ристовски: Венци…. не викај
СледноДа завршиме како што треба