Мирсад Јонуз, нашиот стручен коментатор и овој натпревар на нашата репрезентација го проследи со големо внимание. Како некогашен селектор и еден од нашите најпознати тренери имаше своја стручна анализа по овие 1:1 меѓу Бугарија и Македонија во Разград.
„Генерално ова е задоволително реми. Секако дека според играта и шансите можеме да жалиме што не стартувавме со победа, па се виде дека сме подобри од Бугарија. Тука нема дилеми. Добро е што на стартот од Лигата на Нации кај конкурентот за првото место во групата ние дојдовме до бод, што секако дека значи нешто. Сепак ќе повторам, можеме само да жалиме за тоа дека не победивме“ вели Јонуз.
За тоа дали можевме повеќе, за составот на нашиот тим, тој имаше свое видување…
„Секако дека секогаш може повеќе, дека мора повеќе. Од друга страна ние мораме да бидеме свесни дека во Разград игравме без неколкумина стандардни играчи кои даваат тон на нашата игра. Но она што го видов од овие момци, посебно во вториот дел јас сум задоволен. Сега ни останува на следните мечеви да победуваме и да собираме бодови. Најважно за нас е да бидеме први во групата, па така старт со еден бод кај конкурентот е задоволително“ заврши Јонуз.