Единствениот клуб со повеќе титули во ЛШ отколку во првенството

2858

Клубот кој даде легендарен голман, кој два пати беше европски шампион предводен од легендарниот Брајан Клоф, се врати во најсилната англиска лига по пауза од 23 години. Култниот Нотингем Форест повторно ќе го гледаме во Премиер лигата откако успеа преку баражот да извади билет за место меѓу најдобрите во Англија.

Областа Нотингем и неговата шервудска шума од каде е легендарниот Робин Худ, одметник кој со лак и стрела се бореше против богатите и непријателите во корист на сиромашните. Стотици години подоцна на таа територија се појави нов херој Нотингем Форест.

За него е поврзан интересен податок затоа што е единствениот клуб во светот кој има две европски титули, а една од домашниот шампионат.

Формиран во 1865 година на Шекспир стрит, клубот испиша многу страници во англиската и европската фудбалска историја. Според историчарите, во 1874 година тоа е првиот тим кој користел штитници (костобрани), а во 1878 година на натпреварот против Шефилд Норфолк првпат судијата употребил свирче.

На Форест му беше потребен Робин Худ од крв и месо за да се извлече од сенката на Ливерпул и Манчестер Јунајтед кои ги имаа Бил Шенкли и Мет Безби. Тие жареа и палеа во Англија но и во Европа. Форест го најде својот лидер во Брајан Клоф.

Клоф беше фудбалер кој остави силен белег во Мидлсбро, но мораше да се откаже од фудбалот поради повреда. Работеше како тренер во Дерби Каунти, Брајтон и Лидс Јунајтед, а во 1975 година отиде во Нотингем Форест каде што се претвори во легенда на англискиот фудбал.

Тој ги превзема популарните „шумари“ во Втората дивизија и успеа да изгради тим со тоа што на постоечкиот кадар ги придодаде и „новаците“ Гери Биртлс за кого беа платени 2000 фунти и 1000 фунти за Тревор Френсис.

Нотингем веќе во 1977 година влезе во најсилната англиска лига (тогашна Прва дивизија), ја освои единствената шампионска титула во 1978 година и го освои европскиот куп во 1979 и 1980 година.

Во првото финале во Минхен, против шведски Малме (1:0), големо изненадување на тоа издание на КЕШ, победничкиот гол го даде Френсис. Второто издание на „Бернабеу“ со 1:0 го совлада моќниот Хамбург за кого играа Киген, Калц, Магат и Хрубеш.

Џон Мекговерн, капитенот на тимот тогаш изјави:

Претходно го имавме Робин Худ во градот, сега ги имаме Робин Худ, Клоф и Нотингем Форест“.

Клоф го напушти Нотингем во 1993 година. Тој направи нешто што никој после него не успеа да го повтори. Тој има и статуа во Нотингем, а патот што ги поврзува Нотингем и Дерби го носи неговото име, а и една трибина на стадионот „Сити граунд“ го носи неговото име.

Кон крајот на деведесеттите години Нотингем доживеа финансиски проблеми и следуваше голем пад по кој на клубот му требаше долг период за да застане на нозе.

Во 2017 година беше ставен крај на ерата на Ал Хасави и почеток на новата ера на чело со Вангелис Маринакис кој е сопственик на ФК Олимпијакос. Требаше неколку сезони за реконструкција, но ете во 2022 година успеа да го пронајде правиот пат. Со Стив Купер на кормилото и со одличниот напаѓач Луис Грабан, потоа некогашниот фудбалер на Сандерленд и Њукасл Џек Колбек, па дефанзивецот Стив Кук, кој пред Форест долги години беше стандарден во Борнмут, потоа португалските интернационалци Кафу, Тобијаш Фигуеридо и Ксандре Силва и уште неколку интернационалци ете го Нотингем во елитата.

 

ПретходноКлубот за кој играа Самуел Ето и Роберто Карлос престана да постои
СледноТутомеркато: Милан засилено работи на трансфер на Елмас