Вистинска атракција е стадионот „Викторија“ во Гибралтар. Убав и скромен спортски центар каде деновиве има турнир во хокеј на трева, настан кој се чини дека за локалното население е поинтересен од денешниот фудбалски меч Гибралтар – Македонија.
Стадион со современа вештачка трева, со две мали трибини и капацитет од 5.000 гледачи. На главната трибина се и соблекувалните додека онаа спротивната е залепена до бензиска пумпа. Тешко дека стадионот има услови за елитен фудбал, но тоа е посебна приказна. Од трибината позади едниот гол е пистата на аеродромот а малку потоа е и границата со Шпанија. Па така за оние наши фудбалери како Трајковски, Алиоски, Барди… кои имаат силен шут треба да знаат. Ако не погодат во голот и не ја тресат мрежата, нивната топка може да удри во „авион“ или да прелета до Шпанија.
За среќа од 18 до 20 часот нема планирани полетувања и слетувања на еден од најризичните аеродроми во светот. Така не беше и вчера за време на тренингот кога имаше и полетување и слетување… Според најавите Гибралтар планира стадионот „Викторија“ за брзо време да добие нов лик. Да има капацитет од 8.000 гледачи, но тоа ќе се случи кога ќе се дислоцира бензиската пумпа и кога ќе биде пуштен во употреба тунелот до Шпанија. Одат напред, работат, градат терени иако површината на оваа земја е мала и тука живеат околу 35.000 жители.