Роберт Левандовски е цврсто решен да го напушти Баерн Минхен. Иако раководството на клубот постојано потенцира дека има уште една година од договорот и треба да остане, полскиот напаѓач ги бара сите можни опции за да безболно си замине.
Според тамошните медиуми, Левандовски ќе направи преседан и ќе го искористи правилото на ФИФА, кое ретко се употребува. Според истото фудбалерот кој е постар од 28 години и има две или помалку години од договорот со тимот, може сам да го откупи својот договор.
На претседателот на Баерн Минхен, Херберт Хајнер ова не му се допадна, за „Билд“ истакна дека истото не е добро за клубовите.
„Постојано потенцираме дека договорот на Левандовски е до 30. јуни 2023 година, а договор е договор. Каде ќе биде крајот ако играчот сам го заврши договор, тоа не е фер. Не може така. Изненаден сум што го одбра тој начин. Јас на негово место не би го направил тоа, тој долго време во Баерн. Освои бројни награди, двапати беше прогласен за најдобар играч во светот“.
Првиот човек на баварскиот гигант е убеден дека Левандовски ќе остане и следната сезона.
„Ние сакаме да ги имаме најдобрите играчи, а тој е еден од најдобрите. Затоа сум убеден дека ќе игра за нас во новата сезона“.
Барселона е тимот кој засега се споменува како следна дестинација на искусниот напаѓач, дали ќе се промени нешто ќе видиме за време на трансфер периодот.