Македонската фудалска репрезентација до 21. година од утре за мечевите против Босна и Херцеговина закажани за 10. односно 12. јуни во Скопје, ќе биде посилна за играчот на Фенербахче Арда Окан Курталан. Големиот талент на еден од турските гиганти полека но сигурно влегува во првиот тим на Фенер, беше и во составот за Лигата на Европа, а што е многу поважно, има голема желба да настапува за репрезентацијата на Македонија.
Момчето со потекло од Гостивар веќе има забележано минутажа во нашиот национален дрес, но само на пријателски мечеви. Причината за тоа е фактот што Курталан нема македонски пасош. Пројдоа речиси две години откако тој и ФФМ се на линија, односно тој доаѓа на повиците на македонските селектори на пријателски мечеви чекајќи ја процедурата да биде испочитувана. А истата е на релација, ФФМ, Агенција за Спорт и Млади, Влада на Република Македонија. Но, на наша голема жал, истата засега е закочена во Агенцијата за Спорт и Млади која од само нејзини причини не го потпишува потребниот документ, не го одобрува барањето што се вели и истото не го проследува до Владата на Република Македонија за издавање на државјанство, односно пасош за Арда Окан Курталан. Во меѓувреме ревносната јавност во Турција, буквално „плаче“ што еден од најголемите таленти во неговата генерација 2002 годиште ќе игра за Македонија, и како тамошната федерација веднаш ќе мора да реагира и да стори нешто околу тоа. Македонија ни го „краде“ Курталан, мора нешто да се преземе вели еден од насловите.
Од друга страна пак, Македонија изминатите години е сведок дека натурализирала огромен број на спортисти во кошарка, ракомет, борење, бокс… во сите оние спортови во кои ете сме сметале дека помош ни е потребна. Сме носеле репрезентативци не со наше потекло, што е уште поважно, и тие кој помалку кој повеќе го заслужил или не го заслужил статусот на македонски државјанин и македонски репрезентативец.
Курталан утре пристигнува во Скопје, ќе го прашаме и директно за неговото мислење, а во меѓувреме, упатуваме уште еден апел до сите институции што побргу да го исполнат барањето на ФФМ и овој екстра фудбалер конечно заигра и на официјални мечеви за Македонија.















