МЗТ Скопје на победа до титулата, Пелистер уништен среде Скопје (ФОТО)

447

Во само два дена, две различни лица на главните актери во годинешното плеј-оф финале. Очаен Пелистер и неверојатно доминантен МЗТ Скопје. Слика која се промени од осмата минута на мечот и до крајот остана на исто ниво. Поразот во Битола дефинитивно ги разбуди „сино-белите“, па на домашен терен демонстрираа неверојатна сила, едноставно го прегазија противникот, славеа со 86-62 за 2-1 во финалето и се најдоа на триумф до пехарот.

Милошевиќ со 23 поени и седум скока беше прв стрелец, зад него беа Војдан и Дејвис со по 14 поени. На другата страна Хотон имаше 15 поени.

Токму од осмата минута од 15-16, актуелниот македонски првак го засили темпото, буквално го „истури“ својот „гнев“ за поразот на гостински терен.

По 28-19 во 10 минута, избраниците на Александар Петровиќ направија серија од 22-4 и во 17 минута поведоа со 50-23, на одморот позитивата беше 54-27. Во втората четвртина битолчани постигнаа само осум поени, примија 26. Покрај очајната игра во нападот и одбраната, кошаркарите на Пелистер имаа 21 загубена топка, девет од нив беа дело на Бобан Стајиќ. На другата страна „сино-белите“ имаа 12 украдени топки.

Веднаш на стартот на третата четвртина, домашниот тим дојде на плус 36 (63-30), додека гостите запишаа две нови загубени топки и серија на промашувања. Темпото остана исто, големата разлика му дозволи на Петровиќ да му даде шанса на младиот Иванов. Иако веќе се беше решено, сепак пред крајот на третата четвртина дојде до прекин поради нереди на трибините. Гостинските навивачи се обидоа да се пресметаат со полицијата, кошаркарите на Пелистер се повлекоа, но брзо се вратија.

Оваа средба веќе беше решена, немаше што да се издвои ниту во последниот период.

ПретходноСагосен е опериран, го чека пауза и до 8 месеци
СледноЦ. Звезда и Партизан добиле покана за учество во ВТБ лигата