Од 14-17.06.2022 година, на С.Ц „Марко Божиновски“ , во Ново Лисиче, Општина Аеродром, осум екипи на момчиња родени 2004-та година и помлади, од три држави, поделени во две групи, ќе се натпреваруваат за победнички пехар на премиерното издание во чест на прерано починатиот млад ракометар.
Помина една година откако младиот ракометар и член на македонскиот национален тим, Марко Божиновски тивко си замина. Неговото заминување беше тивко, но веста за неговото заминување одекна далеку и гласно. Во негова чест и аманет, а имајќи предвид дека ракометот беше негов живот, љубов и животна определба, неговото семејство ја отвори Фондацијата „Марко Божиновски“ со визија вечно да живее неговиот лик и дело, поддршка на млади луѓе кои поседуваат талент но немаат можност да инвестираат во себе, но и всадување на спортски дух кај новите генерации, дух кој Марче го носеше во себе.
Водејќи се од визијата на Фондацијата, во сегментот на организација на спортски активности и настани за деца и млади, во периодот од 14 до 17 Јуни, 2022 година, Фондација „Марко Божиновски“ со особена чест и задоволство го најавува премиерното издание на Меморијалниот ракометен турнир „МАРКО БОЖИНОВСКИ“, турнир за ракометари до 18 години на кој ќе учествуваат осум младински екипи, од 3 различни држави, Хрватска, Србија и Македонија.
Натпреварите ќе се играат по принцип 2х30 минути во две групи, со систем на натпреварување секој со секого во својата група. Прво пласираните екипи од групите ќе играат натпревар за прво место, второпласираните за трето итн. Во случај на ист број на поени ќе се применат пропозициите на РФМ. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube.
Натпреварите од турнирот ќе се одиграат во спортскиот центар „Ново Лисиче“, Општина Аеродром, кој од минатиот октомври е преименуван во С.Ц „Марко Божиновски“
Засекогаш во нашите срца.
Марче – живееш вечно!
ГРУПА А: РК Војводина Нови Сад, РК Пролет, РК Вардар Скопје, РК Бутел Скопје.
ГРУПА Б: РК Нексе Нашице, РК Алкалоид Скопје, РК Голден Арт Скопје, РК Еурофарм Пелистер Битола.