По трите едноподруго порази македонската одбојкарска селекција забележа победа во групата Б од Сребрената Европска лига. Селекцијата возврати со победа над Романија со 3-1. Првиот сет го доби македонската селекција со 25-21, во вториот Романците излегоа како подобри (22-25), а во следниот „спартанците“ имаа одличен настап и го добија со 25-19.
Во четвртиот сет Романците на стартот беа подобри, поведоа со 0-2, во еден момент и со 2-6 и 3-7 се чинеше дека ќе имаме големи проблеми, но нашите одбојкари се вратија во игра. Со серија од четири поени по ред изедначија на 7-7 по што следуваше наизменично менување на водството на двете страни за во финишот нашиот тим да ја стабилизира играта и да го приврши мечот во своја корист 25-22.
Ова е втора победа на Македонија во групата по онаа над БиХ во првото коло. Последниот меч од групата го играме против БиХ во гости на 11 јуни.
Во нашата група Албанија ја совлада селекцијата на БиХ (3-0) и е на второто место на табелата со 10 бода. Македонија има седум. Прва е Романија со 11.