Трајковски: Подготвени сме за победа против Грузија, но ќе треба многу самодоверба, тимски дух и многу верба

92

На македонската фудбалска репрезентација ѝ претстои еден од најважните натпревари во новата сезона од Лигата на нации, вечер од 20.45 часот, против Грузија, на арената „Тодор Проески“. Еден од најискусните наши репрезентативци, Александар Трајковски за Видеолотарија Касинос Австрија го најави големиот натпревар, велејќи дека Македонија ќе може до победа само со својот препознатлив, тимски дух.

По првата победа во овој циклус, на гости кај Гибралтар, македонските фудбалски репрезентативци земаат залет за нови три бода, со кои би го освоиле врвот во нашата група 4. Противникот е познат и буди пријатни спомени, бидејќи токму против грузијците, на 12 ноември 2020 година остваривме историска победа за пласман на ЕУРО 2020. Но, тоа значи и дека сега тие ќе имаат уште поголем мотив за реванш и уште посериозно ќе го сфатат предизвикот наречен Македонија.

Затоа, Александар Трајковски предупредува дека него и соиграчите ги очекува тежок натпревар од 20.45 часот, на кој мора да прикажат самодоверба и борба за секоја топка, ако сакаат да стигнат до планираната победа.

„Ова ќе биде еден од важните натпревари за македонската репрезентација. Треба да бидеме на наше највисоко ниво за да го добиеме. Играме пред наша публика и се надевам дека тоа ќе ни биде дополнителна мотивација. Мораме максимално да одиграме од првата до последната минута. Нема да биде воопшто лесен натпревар, Грузија е квалитетен противник и се разбира дека има свои амбиции за првото место во групата. Само со нашиот препознатлив тимски дух, самодоверба и борба за секоја топка можеме да ја постигнеме целта. Подготвени сме и ќе излеземе на терен да победиме“, изјави Трајковски, кој има 78 натпревари и 20 гола во националниот дрес.

Тој остана на клупата во историската победа во Тбилиси, исто како и на единствениот домашен меч против Грузија, во октомври таа година, кога одигравме 1-1. Грузијците не успеаја да ја совладаат Македонија и кога беа домаќини, во август 2020, резултатот и тогаш беше 1-1. Меѓутоа, покажаа дека сега се во одлична форма, триумфирајќи со 5-2 на гости кај Бугарија и со 4-0 дома со Гибралтар.

Сепак, магијата која ја создава македонската публика, со своите херои на теренот многу пати досега се покажала несовладлива енигма за противниците, а Видеолотарија Касинос Австрија, како верен партнер на фудбалската репрезентација на Македонија верува во нова победа и нова радост за спортските фанови.

ПретходноМакедонија У18 со втор тежок пораз во Терме Чатеж
СледноГостивар не се шегува, потврдени Стојчевски и Рамадани