Кошаркарската сезона во Македонија и официјално заврши вечерва. МЗТ Скопје не дозволи финалето да биде решено со „мајсторка“, на гостувањето кај Пелистер славеше со 93-102 за крајните 3-1 во плеј-офот. На овој начин тимот од Аеродром дојде до деветата титула во својата историја, продолжувајќи ја доминацијата во мак-баскетот. „сино-белите“ заслужено се радуваа во ова финале, едноставно противникот не покажа дека има шампионски „штоф“.
Битола оваа сезона остана со празни раце, по Вардар во ракомет, сега МЗТ во кошарка на сметка на „пелистер“ се искачи на тронот.
Милошевиќ беше лидерот кај 31 поени, Рикиќ и Војдан беа зад него со по 17 поени. На другата страна Малешевиќ имаше 21 поен, Кесар 19.
Салата „Боро Чурлевски“ повторно беше полна, четвртата средба се играше пред одлична атмосфера, покрај домашните навивачите, допатува и една мала група на „Фемили“.
Битолчани поведоа со 5-0, па со 7-2. Во овој период избраниците на Александар Петровиќ во првата четвртина имаа осум изгубени топки. Војдан и Дамјан брзо изедначија на 9-9, Малешевиќ, кој беше во одлична форма зголеми на 13-9, но МЗТ Скопје имаше одговор во седмата минута го запиша првото водство 13-14. Овој период заврши во корист на гостите 28-29.
Актуелниот првак во следните минути успеваше да одржи минимална предност, 30-35, 32-37 и 37-43 на средината на втората четвртина. По 38-45, Илиевски повика тајм-аут, по 40-48, Ајви заработи намерна па домаќинот дојде на минус четири (44-48). Милошевиќ и денеска блескаше со 21 поен во овој дел го држеше својот тим. На одморот резултатот беше 51-56.
Со тројката на Војдан и двете слободни фрлања на Милошевиќ, дојде на двоцифрени 52-63 по две и пол минути игра. Битолчани не се откажаа, ги казнија непромислените потези на противникот беа причина за серија од 11-2 и целосен кам-бек (63-65). Петровиќ повика тајм-аут, Ајви, Рикиќ, Дамјан, Дејвис и Рикиќ го прекина налетот дојдоа на 65-75 во 28 минута. Битолчани влегоа во серија на грешки, па МЗТ Скопје почна да чекори цврсто во оваа средба.
Во последните десет минути, гостите влегоа со водство од 11 поени (72-83). Со тројка и два поени оваа позитива беше зголемена на 72-88 и тука речиси беше јасно дека оваа средба ќе заврши само во еден правец. Имаше време за кам-бек, но едноставно момците на Илиевски немаа сила.
Битола останува да се радува на самиот пласман во финалето и едната победа, на другата страна Аеродром ги чека своите шампиони заедно да ја прослават деветката.