Македонската фудбалска репрезентација утре на Арената Тодор Проески од 20:45 часот го игра четвртиот дуел од актуелната Лига на Нации против репрезентацијата на Гибралтар.
По дебаклот кој ни се случи против Грузија и поразот од 0:3, сега момците на селекторот Благоја Милевски имаат за задача да поправат она што можат, односно да освојат три бода против аусајдерот кој пак ја шокираше Бугарија со ремито 1:1.
Нашиот кормилар потенцира дека фудбалерите се преморени, дека дел од нив воопшто нема да бидат во комбинација.
„Дефинитивно ќе бидеме без Александар Трајковски. Елиф Елмас исто така е под знак прашалник. Што се однесува до првите единаесет ќе чекаме до последен момент да видиме кој е најподготвен да настапи. Околу начинот на кој што ќе го одиграме овој дуел можам да кажам дека ќе треба да бидеме на потребното ниво како и секогаш. Против Грузија ни фалеше тој завршен пас. За тоа многу влијае и формата во моментов на играчите, пред се исцрпеноста. Сите се во комбинација, сите ќе добијат шанса како што нагласив уште на стартот“ – изјави нашиот селектор на денешната официјална прес конференција пред мечот со Гибралтар утре.