За разлика од ракометарите, битолчани со аплауз за кошаркарите!

727

Битола оваа сезона дополнително се разбуди на спортски план. Покрај ракометот, секако и фудбалот, кој секогаш бил на првото место, овој град оваа сезона доби голема искра на кошаркарска надеж.

КК Пелистер успеа да се пласира во плеј-оф финалето, вчера згасна сонот за титулата, откако МЗТ Скопје во салата „Боро Чурлевски“ дојде до третата победа, но остана надежта дека следната сезона можеби ќе биде освоен и првиот трофеј.

За разлика од ракометарите на Е.Пелистер кој добија свирежи од навивачите, откако не ја искористија најголемата шанса да дојдат до пехарот во домашниот шампионат, синоќа и покрај тоа што кошаркарите беа поразени, сепак „Чкембари“ и останатите љубители на овој спорт со аплауз ги испратија своите миленици.

Со самиот пласман во финалето, Пелистер испиша историја, а следната сезона овој тим вети подобри резултати од оваа.

„МЗТ Скопје Аеродром сосема заслужено дојде до победата. Тие ја исполнија својата клупска цел. Квалитетната ротација и подолгата клупа пресудија. Без оглед на крајот на оваа серија, за мене, моите играчи сосема заслужено стигнаа до тука, па дури и да го освоевме трофејот. Горди сме на сработеното, особено со проблемите кои ги имавме. Ние истуркавме дотука, со желба и љубов кон клубот. Покажавме дека знаеме како треба да ги браниме боите на Пелистер и создадовме симпатија во градот меѓу публиката, а нивното присуство е наш најголем трофеј.

Ако одиме редоследно, минатата година завршивме трети, оваа втори, па следната сакаме да бидеме први. Сепак, тука влијаат повеќе фактори, ќе зависи од политиката на клубот и како се гледа на иднината. Ние како спортисти сакаме да се натпреваруваме со квалитетни екипи. Сакаме да излеземе на меѓународна сцена и тоа е предизвик за нас. Гледајќи како реагираше градот и публиката, а заедно и ние со нив, жално би било да нема таква можност за сите да се радуваме“, изјави Марјан Илиевски, кој пред стартот на финалето ја доби довербата од раководството на клубот, неговиот договорен е продолжен. 

 

ПретходноТолку од Виктор Ангелов во Академија Пандев
СледноМЗТ Скопје во стилот на големите со благодарност до сите – од противници до навивачи!