МЗТ Скопје во стилот на големите со благодарност до сите – од противници до навивачи!

255

МЗТ Скопје по освојувањето на деветата титула во својата историја, денеска им се обрати на сите симпатизери, кои придонесоа за новиот трофеј во Аеродром. Раководството на клубот воедно ги повика и навивачите кои сакаат да се фотографираат со пехарот да дојдат утре во СЦ „Јане Сандански“.

„Освојувањето на деветтата титула донесе еуфорија кај нашите навивачи, симпатизери и сите други на кои нашиот клуб им е во срцето, а фактот што конечната победа над Пелистер се поклопи со големиот христијански празник Духовден е идеална можност за споменување на фановите на клубот кои предвреме се преселија на небото, од каде што, сигурни сме, со истиот ентизујазам ги бодрат своите миленици во сино-бела опрема.

На синоќешната шампионска прослава во мислите на сите во клубот беа членовите на нашиот небесен „Коп“ во кој, меѓу другите, се наоѓаат Виктор Јосифовски-Хард, Димитар Здравевски-Гитко, Горан Кукуноски-Кука, Драган Арсов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски, Марко Божиновски, но и многу други знаени и незнаени симпатизери и навивачи на МЗТ Скопје Аеродром. Со секој постигнат кош, остварена победа и освоена титула го одржуваме во живот сеќавањето на нив и на нивната љубов кон гордоста на Аеродром, на што сме посебно среќни и што секоја излеана капка пот ја прави дополнително вредна.

Би сакале да им се заблагодариме и на сите екипи од Првата лига, на учесниците на плејофот и пред сѐ на финалниот ривал Пелистер, за спортската борба во текот на целата сезона, како и на луѓето од КФМ на одличната организација. Секако, најголема пофалба и „наклон до под“ заслужија нашите кошаркари, тренери и останати членови на стручниот штаб за натчовечките напори вложени во пеколната сезона во која одигравме скоро 60 натпревари и дојдовме до два домашни пехари (Суперкуп и првенство), како и до враќање во јадранската елита.

Сето ова не би било можно без нашиот „шести играч“ од трибините, кој на секоја средба ни го даваше потребниот „ветер в грб“, што особено се почувствува во финишот од сезоната, кога новата управа успеа да го зголеми бројот на оние најверните, чие присуство дополнително ја подобри атмосферата и од секој меч направи – спектакл. Се надеваме дека во следната сезона ќе бидат уште подобри и побројни, со оглед што веднаш почнуваме да работиме на создавање нов моќен тим, чија задача нема да биде само продолжување на домашната доминација, туку и достојно претставување на МЗТ Скопје и на општина Аеродром на регионална и меѓународна сцена. Досега оствареното е само мал дел од замислениот проект за кој се надеваме дека ќе биде успешен и дека дополнително ќе го вивне во височините не само нашиот клуб, туку ќе даде голем придонес за поголем развој на македонската кошарка.

Во чест на сето досега наброено, би сакале да ги поканиме сите навивачи, симпатизери и кошаркарски вљубеници да дојдат в недела (12 јуни) во салата „Јане Сандански“ (од главен влез) во периодот помеѓу 17.30 и 18.30 часот да ја искористат можноста да се фотографираат со шампионскиот пехар и со сино-белите кошаркари и тренери – по свој избор. Ова е најмалку што можеме да им го возвратиме за нивната огромна љубов и поддршка што ни ја даваа сезонава, но и низ годините.

Се гледаме во сала!“, се вели во соопштението на актуелниот македонски првак. 

ПретходноЗа разлика од ракометарите, битолчани со аплауз за кошаркарите!
СледноПресврт: Шаќири останува на клупата…Шкендија веќе е во Словенија на подготовки! (ФОТО)