Филип Миркуловски денеска и официјално стави крај на својата богата кариера. Големиот борец го одигра последниот меч во дресот на Вецлар. И не можеше да биде подобар крај, на домашен терен Вецлар славеше против Минден со 30-28 во последното бундес-лигашко коло.
На овој натпревар, македонскиот ракометар постигна два гола од четири обиди, зад своето име додаде уште две асистенции.
Популарниот Жути низ долгите години минати на терените беше пример за борбеност, никогаш не се штедел, не мислел на болката, на ударот, без разлика на тоа кој дрес го носел.
Својата ракометна авантура ја почна во Металург, во 2003 година, од Автокоманда имапе имаше кратка епизода во Младост Богданци, од каде се врати во Металург, но остана десет години. Откако полека почнаа лошите денови во овој тим, се пресели на кратко во Хановер, но своето вистинско место го најде во Вецлар.
Ова е тимот за кого играше седум години, тимот каде ќе го гледаме и во следните години, но во улога на асистент тренер, новото поглавје во неговата кариера, кое веруваме дека ќе биде успешно, неговиот карактер не дозволува друго сценарио.
Миркуловски се прости и од репрезентацијата на Македонија, се врати по вторпат во служба на својата држава, што пак е само една потврда за овој голем борец.