Италијанецот Матео Беретини е победник на АТП турнирот во Штутгарт откако во финалето го совлада поранешниот двоен шампион од Вимблдон Енди Мареј со 2-1 во сетови (6-4, 5-7 и 6-3). Беретини три месеци не играше тенис поради повреда, а ова му е прв турнир по долгата пауза и веднаш се закити со трофеј. Инаку ова е негова втора титула во Штутгарт, а вкупно шеста во кариерата.
Мареј имаше многу проблеми на мечот бидејќи освен со противникот се бореше и со повредата на колкот поради што два пати го повика својот тренер за совет.
А на АТП турнирот во Хертонгенбош во Холандија титулата му припадна на домашниот тенисер Ван Ријтховен кој во финалето со 2-0 (6-4 и 6-1) славеше над Данил Медведев.
На истиот турнир во женска конкуренција трофејот замина во рацете на Александрова која во финалето славеше над Сабаленка со 2-0. А во Нотингем трофејот и припадна на Бразилката Хадад Маја која ја совлада Американката Алисон Риске со 2-1.