Марија Ковачева
Војдан Стојановски е еден од најважните делови од шампионскиот мозаик на МЗТ Скопје. Капитенот на македонската репрезентација по тешката повреда ја прифати понудата на актуелниот првак, заедно си подадоа рака за градење на успешна приказна.
Само тој како што знае и умее, полека влезе во ритам, во играта на МЗТ Скопје ја влеа потребната доза на сигурност и стабилност, на крајот заедно со останатите соиграчи влегоа во ритам, кој беше тешко да се прати од останатите конкуренти. Силата тимот од Аеродром ја потврди во плеј-оф финалето против Пелистер, кое го доби со 3-1 и го освои деветиот пехар.
Војдан во македонскиот шампионат се врати после 11 години, прв пат во дресот на МЗТ Скопје. Последниот домашен тим за кого играше беше Фени Индустри, од 2011 година почна да ја гради својата интернационална кариера.
„Точно после долго време се вратив во домашното првенство, за првпат заиграв во дресот на МЗТ Скопје. Чувството да се игра дома е одлично, особено ако се вратиш после 11 години. Период во кој се променија многу работи. Среќен сум што го освоивме првенството и го вративме МЗТ Скопје во АБА-лига, место кое дефинитивно го заслужува. Останува поразот во финалето во Купот на Македонија, но слободно можам да кажам дека оваа сезона е успешно завршена, иако во светот на спортот секогаш може подобро“, вели Војдан Стојановски за СПОРТМЕДИА.
Токму после 11 години, Војдан успеа да се радува на титула и со својот втор брат, близнакот Дамјан. Претходно тоа го стори со Огнен во 2011 година, кога беше дел од тимот на Фени Индустри. Со Дамјан заедно се радуваа на пехарот во Купот на Македонија кога играа за Амак СП, тим од каде почна нивната вистина кошаркарска приказна.
„Ова е прва титула со Дамјан. Со него заедно го осовивме Купот на Македонија кога игравме за Амак СП, но за прв пат заедно се радуваме на титула. Претходно заедно со Огнен прославивме една титула со Фени, затоа сега оваа со МЗТ Скопје ми е посебно драга“, коментира Војдан.
Одлуката да потпише за МЗТ Скопје е полн погодок. Никаде не е како дома, особено кога е потребна поддршка, а тој ја доби во овој тим, во периодот после долгата пауза поради повредата.
„Во ниту еден момент не погрешив што потпишав за МЗТ Скопје. После повредата овој клуб многу ми помогнам да ја вратам самодовербата која ја имав пред да одам на операција. Ми беше потребно време да се вратам, а МЗТ Скопје ми ја даде довербата и сето трпение, за тоа сум им бескрајно благодарен“.
Што е она што МЗТ Скопје го има, а другите тимови го немаат?
„МЗТ Скопје во последните години е најстабилен клуб во македонската лига, ги има најдобрите услови и долги години ја претставува нашата кошарка надвор од границите. Следната година ќе игра во АБА 1-лига, што е многу квалитетна, во Скопје ќе дојдат тимови кои играат Еврокуп и Евролига. Сигурен сум дека кошарката ќе ја крене на неколку скалила погоре. Ќе биде убаво примерот на МЗТ Скопје да го следат и останатите тимови“.
На Војдан Стојановски договорот со тимот од Аеродром истече со завршување на сезоната. Рано е да се зборува за идните планови. Пред одморот, тој прво има репрезентативни обврски, Македонија ги игра последните мечеви од првиот квалификациски циклус за место на СП 2023 година.