Фудбалската репрезентација на Австралија ќе игра на Светското првенство во Катар оваа година, откако по подобро изведување на пенали го совлада Перу во баражот за едно од последните две слободни мундијалски места.
Мечот во регуларниот дел и по дополнителните 30 минути заврши без победник со најнепопуларните 0:0. И двете репрезентации се чини повеќе внимаваа на својот, откколку што сакаа да го погодат противничкиот гол.
Во пенал рулетот, Австралија промаши уште во првата серија. Ударот на Бојл, голманот на Перу Галесе успеа да го одбрани. Перунаците беа прецизни во првите две серии, но во третата и тие промашија. Ударот на Адвинкула заврши во стативата.
Австралија продолжи со беспрекорно изведување на ударите од белата точка и во следните серии, за разлика од Перу кој промаши во шестата серија и со тоа им даде шанса на „кенгурите“ за нов мундијалски настап.
За Австралија ова ќе биде шесто учество на светските првенства по оние во 1974, 2006, 2010, 2014 и 2018 година.