Уругвајскиот напаѓач Дарвин Нуњез и официјално е ново засилување на Ливерпул. Тој потпиша долгорочен договор со „црвените“ откако ги финализираше личните услови и ги заврши медицинските прегледи во тренинг центарот АКСА.
Нуњез пристигнува на „Енфилд“ по две сезони во Бенфика, каде постигна 48 гола на 85 настапи во сите натпреварувања.
22-годишниот играч има 11 сениорски настапи за Уругвај, откако меѓународното деби го имаше во октомври 2019 година.
„Навистина сум среќен што сум овде во Ливерпул. Ова е голем клуб“, изјави Нуњез во своето прво интервју.
Според информациите во англиските медиуми, Нуњез има договорот со „црвените“ со важност до 2028 година. Претходно Бенфика објави дека постигнала договор со „црвените“ за трансфер на уругвајскиот репрезентативец за 75 милиони евра во кеш и уште 25 милиони во форма на бонуси.
𝐃𝐀𝐑𝐖𝐈𝐍 2️⃣7️⃣#DarwinDay pic.twitter.com/q1QEOle0V4
— Liverpool FC (@LFC) June 14, 2022