Арда „блесна“ за Македонија, Турција го „одра“ селекторот

7171

Не случајно веќе извесно време од страна на Фудбалската федерација на Македонија се инсистира на ангажирање на Арда Окан Куртулан, играчот на Фенербахче да заигра за нашиот национален тим. Талентот на еден од најголемите клубови во Турција, што е уште позначајно изрази отворена желба да го носи нашиот национален дрес, и ревносно се јавува на секој повик од селекторите. Последен во низата е оној У21 повикот од пред неколку дена, кога Куртулан не само што пристигна за пријателските мечеви против Босна во Скопје, туку и беше двоен стрелец во триумфот од 2:0. Покажа дека не случајно е таму каде што е, и не случајно ние се бориме за него.

Да, препознаен е квалитетот на ова младо момче кое упорно добива шанса од наша страна но не и патна исправа за да може да настапи на официјални мечеви за нас. Спортмедиа веќе се обрати на оваа тема, ја објасни целата процедура која во моментов е „заглавена“ во Агенцијата за Спорт и Млади. Таму, само од нив необјаснети причини односно на директорот Наумче Мојсовски потпишан документ доставен до владата на Република Македонија веќе две години не пристигнува и Арда не е во можност да им помогне на своите врсници во квалификациски мечеви.
Од друга страна пак, Турција како држава многу добро знае што Куртулан може како фудбалски потенцијал, па по одличниот одигран меч и двата гола против Босна, јавноста буквално го „уништи“ селекторот на младинската репрезентација. Турците се прашуваат зошто Арда го гледаат во дресот на Македонија, а не во Турција, зошто ние им го „крадеме“… „врие“ од текстови на оваа тема.
Да се надеваме искрено дека на Ардан Окан Куртулан нема да му дојдат „преку глава“ овие македонски бирократски пречки околу неговиот пасош и дека тој и понатаму ќе се појавува на собирите на нашиот национален тим. А во меѓувреме, Агенцијата за Спорт и Млади сериозно да се замисли што прави, и до каде ќе оди инаетот, или индолентноста по ова прашање. Да се надеваме дека ете, е само немарност во прашање, или нешто слично, зошто ако има некаква задна намера во кочењето на Куртулан да заигра за Македонија, тогаш имаме повеќе од проблем само за У21 репрезентацијата. Тогаш имаме институционален, национален, патриотски. Затоа што некој си игра со судбината, потенцијалот и квалитетот на една генерација, а знаеме колку може да смени еден играч повеќе или помалку во тимот. Да, знаеме. Затоа што истата таа Агенција за Спорт и Млади многу често доделува патни исправи на кошаркари, борачи, боксери, и еден куп други спортисти за да Македонија напредува на спортски план. Така нека биде и овојпат.

 

ПретходноНехар Садики е нов член на Егнатиа
СледноСтрашно: Судија во Салвадор убиен зошто покажал жолт картон!