Дејан Блажевски не е веќе член на Вардар, нема да игра повеќе фудбал, тој оди во фудбалска пензија. Легендарниот Шиле, кој беше еден од најзаслужните за фантастичниот успех на Вардар пред пет години кога тимот стигна до групите во Лигата на Европа, реши дека е доста од фудбал.
Блажевски беше и еден од најдобрите напаѓачи во ПМФЛ во последните 10-15 години, кога играше за Вардар и за Хоризонт Т. Вистинска легенда на клубот.
По тој повод Вардар со официјално соопштение се прости од својот Шиле…
„За капитенот на нашиот тим Дејан Блажевски ова беше последна сезона во дресот на Вардар и популарниот “Шиле“ ја завршува својата активна играчка кариера.
Тој го носеше црвено-црниот дрес во два наврати на вкупно 155 натпревари на кои што постигна 45 голови и освои три шампионски титули во дресот на нашиот клуб.
Засекогаш ќе биде запамтен како дел од генерацијата која што го направи најголемиот успех во историјата на клубот и се пласираше во групната фаза на Лигата на Европа.
Шиле, во името на фудбалскиот клуб Вардар и на сите навивачи и симпатизери ти се заблагодаруваме за секој гол, за секоја асистенција и за секоја минута помината во светиот црвено-црн дрес.
Вистински капитен, секогаш пример за помладите позади себе оставаш многу убави спомени за идните вардарови генерации.
Се надеваме дека ќе уживаш во спортската пензија и воедно ти посакуваме многу успех во наредната функција која што ќе ја имаш во нашиот клуб.