Германија и го нанесе еден од најтешките порази на Италија во историјата на меѓусебните пресметки, совладувајќи ја вечерва со високи 5:2 во завршниот ден од натпреварите во „јунската сесија“ од Лигата на Нации. Европскиот шампион доживеа голема бламажа на гостувањето во Менхенгладбах, каде „панцирите“ до 70. минута веќе испукаа „петарда“ во голот на Донарума.
Кимих и Гундоан погодија за Германија во првото полувреме, по што следуваа погодоците на Милер и Вернер (два гола) за високи 5:0. Срамот на „аѕурите“ се обиде да го ублажи Гнонто со гол во 78. минута, по што Бастони погоди во судиското продолжение за конечни 5:2.
Историски пораз вечерва на домашен терен доживеа Англија. Островјаните доживеаја вистинска бламажа на стадионот на Вулверхемптон каде Унгарија ги посрами совладувајќи ги со високи 4:0. Унгарците кои патем се и лидери во групата со Англија, Италија и Германија, ја понижија домашната селекција со головите на Салаи (два гола), Наѓи и Газдаг. Унгарија по овие 4 кола во Лигата на нации е прва во групата оставајќи ги зад себе фудбалските гиганти.
Во групата „4“ од А-сегментот, Белгија со 1:0 славеше на гостувањето кај Полска со погодокот на Батшуаи, додека Холандија иако водеше против Велс со 2:0, а крајот со голот на Депај во 94. минута успеа да дојде до победа над Велшаните од 3:2. Велс во 92. минута со голот на Бејл од пенал успеа да израмни на 2:2, но дозволи само две минути потоа да прими гол и да загуби.
Во Лига Б сегментот, Црногорците ја прегазија Романија на гости совладувајќи ја со 3:0, додека БиХ со двата гола на Џеко и еден на Пјаниќ ја совлада Финска со 3:2.
Во Лига Ц сегментот, Турција си реди победи, овој пат совладувајќи ја Литванија со 2:0. Луксембург триумфираше со 1:0 против Фарските Острови.