Четворица македонски тренери, Андреј Апостолски Лечиќ, Никола Димитриески, Славица Наков и Пепа Ташева во изминатите неколку дена, на покана на турската кошаркарска федерација поминаа една специфична тренерска „мини-обука“.
Како гости на националната федерација на Турција, од Истанбул, каде што престојуваа во изминатиот период, носат особено важни импресии, потребни во работата на тренерите кои се усмерени во работа со млади кошаркар(к)и
„Станува збор за своевидна обука за тренери кои работат со млади категории на играчи. Првиот ден од престојот го посетивме националниот тренажен камп на Турција, потоа бевме гости и на нашите домаќини од турската кошаркарска федерација, каде се запознавме со начинот на функционирање на една од најголемите федерации не само во Европа, туку и во светот.
Освен тоа бевме и во посета на некои клубови кои имаат навистина сериозни програми за работа со млади категории на кошаркари, вклучително и Фенербахче, каде исто така го следевме начинот на функционирање во така големи клубови.
Се запознавме со условите во кои работат такви величини во европската и светска кошарка, а освен тоа, благодарение на љубезните домаќини, бевме сведоци и на еден натпревар од финалната серија на турскиот плеј-оф, помеѓу најголемите ривали во турската кошарка, Анадолу Ефес и Фенербахче.
Третиот ден од престојот во Истанбул го искористивме да го проследиме и финалето во У19 конкуренцијата, да го видиме пристапот кон овие млади кошаркари, да видиме како е сето тоа организирано… Навистина премногу импресии за овие неколку дена престој во Истанбул носиме дома во Скопје“– коментира Андреј Апостолски Лечиќ.