Симиќ ги поведе младите кошаркари во подготовки за настап на ЕП ова лето

158

Денеска беше означен старт на подготовките на нашата кошаркарска селекција „Под 18“ години, која доби шанса ова лето да се натпреварува со најдобрите во Европа. КФСМ денеска објави и подолг разговор со селекторот Тони Симиќ, во кој тој ги сподели своите очекувања од следниот голем собир.

„Имавме некои други планови, но со оглед на тоа дека ФИБА донесе одлука која ја промовира нашата селекција во учесник на Европското првенство во ‘ А’ Дивизијата, извесно е дека мораше да направиме и извесни промени во првичните скици за работа во овој летен период. Едноставно, ФИБА ни постави нови граници кои мора да ги стигнеме во деновите кои следуваат“- вели Симиќ.

„Првите неколку дена од подготовките ќе ги реализираме овде во Скопје, во салата на СРЦ ‘Кале’. Прво на ред ќе биде медицинското тестирање на сите повикани кандидати за националниот тим. А веќе од 22. јуни ќе се преселиме во Маврово, каде следуваат оние т.н. ‘висински подготовки’. А престојот на планина, ќе го искористиме да направиме и една ‘контрола’, еден спаринг-меч против селекцијата ‘Под 20’ години која во тоа време ќе биде таму“- потенцира селекторот околу планот кој треба да биде реализиран за време на подготовките.

Планирани се и голем број на пријателски натпревари кои нашата селекција ќе ги има веќе на почетокот на следниот месец. Според планот, нашите надежи ќе имаат двомеч во Бугарија, а во Скопје ќе играме и против соодветната селекција на Швајцарија. Потоа во Гевгелија надежите ќе настапат на силен турнир на кој за противници имаме селекции кои се дел од ‘А’ Дивизијата, како Грција, Црна Гора, а гостин ќе ни биде и Бугарија.

На 18 јули селекцијата патува за Хрватска, каде се предвидени две контролни средби против селекцијата на Хрватска.

фото: КФСМ

ПретходноНекогашната ѕвезда на Челзи отиде да игра за шампионот на Џибути
СледноДури 20 милиони фунти од трансферот на Нуњез во Ливерпул нема да завршат во касата на Бенфика!