Извршниот директор на МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски, заедно со тренерот Александар Петровиќ и капитенот Дамјан Стојановски, денеска беа во посета на градоначалникот Тимчо Муцунски, за, меѓу другото, да му искажат благодарност за тоа што општина Аеродром и тој самиот го (на)прави за функционирањето на клубoт и за остварување на шампионските резултати.
Во чест на деветтата освоена титула, а како своевидна благодарница за неговата несебична помош како носител на најодговорната функција во Аеродром, но и за поддршката од трибините со оглед што е редовен на нашите натпревари, сино-белата делегација му подари дрес на клубот со неговото презиме. На средбата се разговараше за успесите од сезоната што измина, но повеќе за тоа што нѐ очекува во следниот период, а тоа е настапот во елитната АБА-лига.
Гостувањето на гиганти како Црвена звезда, Партизан, Цедевита Олимпија, Будуќност ќе биде шанса не само за промоција на МЗТ Скопје туку и на Аеродром како модерна општина каде што квалитетниот спорт и успесите се доказ за квалитетната работа.