Пол ПОГБА го напушти Манчестер Јунајтед откако му истече договорот. Тој се уште е во потрага по нов клуб, но се поизвесно е дека ќе се врати во Јувентус како слободен играч, за кој настапуваше од 2012 до 2016 година. Додека тој бара клуб, во исто време излегуваат епизоди од документарниот серијал „Pogmentary“, кој го прикажува животот на Погба.
Атлетик издвои еден интересен клип од овој документарец, разговор меѓу Погба и неговиот менаџер Мина Раиола, од минатиот јуни за понудата на Манчестер Јунајтед за продолжување на договорот со Погба.
Втората понуда на Јунајтед беше да му ја зголеми платата од 290.000 фунти неделно на 300.000 фунти неделно, што ќе го остави еден од најплатените фудбалери во светот. Кога го слушна тоа, тој налутено одговори: „Како можеш да му кажеш на играчот дека го сакаш, а потоа да не му понудиш ништо? Никогаш не сум го видел ова“.
Да потсетиме, Погба својата сениорска кариера ја започна во Јунајтед, но не успеа да се наметне во првиот тим, па замина во Јувентус каде стана ѕвезда. Јунајтед го купи за 105 милиони евра. Според италијанските медиуми, Погба треба да потпише договор со Јувентус за плата од осум милиони евра годишно – што е, според тоа, помалку од она што тој го опиша како „ништо“ во Јунајтед.