Англискиот премиерлигаш Лидс Јунајтед откако го обезбеди опстанокот во најсилното друштво, сега работи на привлекување на нови играчи во своите редови. Па така наскоро нов играч ќе биде шпанскиот интернационалец Марк Рока кој доаѓа од редовите на Баерн Минхен.
Клубот од Јоркшир за услугите на овој играч за врска ќе плати меѓу 12 и 15 милиони евра, а фудбалерот ќе потпише договор до јуни 2026 година.
Рока е Каталонец, но кариерата ја почнува во Еспањол, прво во Б тимот, а од 2016 и за А тимот за кој одиграл 105 прволигашки натпревари. Во 2020 година премина во Баерн и во две сезони одигра вкупно 24 натпревари во сите конкуренции.
Тој е поранешен шпански младински репрезентативец, а нема ниту еден меч за А селекцијата.
Во досегашниот дел од преодниот рок Лидс ги донесе Бренден Аронсон и Расмус Кристенсен, двајцата од РБ Салцбург.