Како гром од ведро небо попладнево ја удри фудбалската јавност во Македонија, информацијата дека тимот на Ренова, еден од нашите најстабилни прволигаши годиниве, се откажува од играњето во прва лига, а со тоа автоматски заминува во најнизок ранг на натпреварување.
Причините зошто ФК Ренова се одлучува на ваков чекор ќе се знаат на стартот на следната недела кога клубот ќе излезе со официјално соопштение, а во меѓувреме ние ќе мора да се позабавиме со препозициите околу тоа што сега, и како понатаму да се пополни ПМФЛ за следната сезона.
Први на кој ќе им се понуди учевство во ПМФЛ шампионатот за следната сезона се екипите на Воска односно Беласица. Тие две беа второпласирани изминатата сезона во ВМФЛ Запад и Исток, а играа и бараж за пласман кои го загубија. Место во ПМФЛ ќе им се понуди на двете, а доколку и обете екипи истото го прифатат тогаш следува бараж дуел помеѓу двата тима. Доколку пак прифати само една од екипите да игра ПМФЛ тогаш таа автоматски е прволигаш.
Втората варијанта е следна. Доколку ниту Воска односно Беласица не прифати да игра во ПМФЛ, тогаш доаѓа на ред следнопласираната во ВМФЛ која што аплицирала за лиценца. Тоа би можел да биде Вардар доколку ја има комплетирано целата документација, а доколку пак ниту тој ја нема истата тогаш следниот кој е со комплетирана документација и следен по редослед на табелата во ВМФЛ Запад.
Конечно, доколку и во тој случај не се најде решение, односно ниту една од овие горенаведени екипи нема волја односно не исполнува услови за да настапува во ПМФЛ, тогаш местото на Ренова ќе им биде понудено на екипите кои испаднаа во изминатиот ПМФЛ шампионат, Пелистер односно Борец.
Доколку ниту во тој случај не биде пополнето испразнетото место, што е малку веројатно, тогаш следниот шампионат на Македонија ќе се игра со една екипа помалку односно со еднаесет тима.
Она што е многу важно да се напомене е што во моментов на сила е преодниот рок, екипите се распуштени и голем дел од играчите кои беа дел од нив имаат слободни документи. Тие нема да имаат право на настап при евентуалниот бараж дуел помеѓу Воска односно Беласица, единствено ако не потпишат нови договори. Тимот на Воска нема да има предност при откажувањето на Ренова затоа што е од ВМФЛ Запад.